Sunday, June 10, 2012

ЗАПОЧНУВА ГЛОБАЛНАТА НЕДЕЛА ПРОТИВ ОРУЖЕНОТО НАСИЛСТВО

Меѓународната акциона мрежа за малото оружје (International Action Network on Small Arms - IANSA) е глобално движење против оруженото насилство, поврзувајќи ги организациите на граѓанското општество кои работат на сопирање на распространувањето и злоупотребата на малото и лесно оружје.
ИАНСА ги поддржува напорите да се подобри безбедноста на луѓето преку редукција на побарувачката за оружје, унапредувајќи ги регулативите за оружјето и засилувањето на контролата на трансферите со оружје.
Преку истражувања, застапување и кампањи, организациите членки на ИАНСА промовираат локални, национални, регионални и глобални мерки за подобрување на човековата безбедност.
Една од најстарите иницијативи на ИАНСА, Глобалната недела на акција против оруженото насилство оваа (2012-та) година ќе се одржи од 11 до 17 јуни. Секоја година, активистите на граѓанските организации, неформални граѓански групи и поединци од целиот свет се приклучуваат на оваа глобална акција, манифестирајќи ја силата на глобалното движење против оруженото насилство.

Цивил, како долгогодишна членка на ова глобално движење, ја одбележува Глобалната недела на акција од 2002 година. Оваа активност е дел од Годишната програма на Цивил која е поддржана во рамките на Програмата Civica Mobilitas, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), а имплементирана од Центарот за институционален развој (ЦИРа). 

Цивил ќе ја започне Глобалната недела на акција со прес конференција во НВО Инфо Центар в понеделник, 11 јуни, со почеток во 11 часот, на која пред новинарите ќе ги презентира најновите информации, ставови и програмата на активности во доменот на контролата на оружјето во Република Македонија и во светот. „Македонија без оружје“ е еден од слоганите на овогодишните активности на Цивил во рамки на оваа глобална кампања.
На прес конференцијата во организација на Цивил накратко ќе бидат презентирани резултатите од Кампањата Парламентарна декларација, ќе се претстави Кампањата Проговори! (SPEAK OUT), како и неколку основни информации за Конференцијата на ОН посветена на Спогодбата за трговија со оружјето.
Исто така, претставниците на Цивил ќе се осврнат на состојбите во доменот на контролата на оружјето во Република Македонија и ќе презентира неколку препораки за подобрување на состојбите во оваа сфера. 

No comments:

Post a Comment